Синот на американскиот претседател Џо Бајден, Хантер Бајден, се согласил да се изјасни за виновен по две обвиненија за федерално затајување данок и нелегално поседување оружје како дел од договорот постигнат со Министерството за правда, покажуваат судските документи објавени на 20 јуни.
Како дел од договорот објавен денеска, Хантер Бајден ќе се изјасни за виновен по две точки од обвинението за даночна измама и се очекува да постигне договор со обвинителството за обвинение за нелегално поседување оружје како корисник на дрога.
Договорот става крај на долготрајната истрага на Министерството за правда против синот на претседателот Џо Бајден, кој призна дека имал проблем со зависност од дрога по смртта на неговиот брат Бо во 2015 година.
Според Си-Ен-Ен, договорот за признавање вина веднаш ќе има влијание на претседателските избори следната година, на кои еден од кандидатите ќе биде актуелниот претседател Џо Бајден.
Двете прекршочни даночни пријави произлегуваат од неплаќање даноци во 2017 и 2018 година, кои сега се целосно вратени.
Обвинението за оружје произлегува од набавката на огнено оружје во 2018 година додека бил зависник од дрога.
Обвиненијата произлегоа од истрагата на американскиот обвинител Дејвид Вајс, кој беше назначен од поранешниот претседател Доналд Трамп.
Синот на американскиот претседател работел како лобист, адвокат, инвестициски банкар и уметник. Во декември 2020 година, тој објави дека канцеларијата на Вајс ги истражува неговите даночни работи. Тој тогаш ја негираше вината.
53 годишниот Хантер Бајден со години е во фокусот на нападите на Трамп и неговите републикански сојузници, кои го обвинуваат за погрешно постапување во зделките поврзани со Украина и Кина. Според објавените документи, Хантер Бајден, исто така, признал дека нелегално поседувал пиштол.