Бугарскиот претседател Румен Радев се надева дека промените на македонскиот Устав со кои ќе се вметнат Бугарите во Преамбулата нема да бидат параван зад кој ќе се сокријат интимни сцени меѓу партиите во македонското Собрание. Радев им порача на властите во Македонија да не лобираат во земјите членки во ЕУ или во европските институции со цел да го покријат недостатокот на реформи во земјата.
Тој ова го изјави на отворањето на тридневниот форум „Зелена недела 2023“, посветен на зелената транзиција во земјите од Централна и Источна Европа и енергетското поврзување, зеленото финансирање и иновациите.
„Скопје треба да си ја научи лекцијата за ЕУ. Гледам дека пак се враќаат на истиот пат пред преговарачката рамка, да лобираат кај членките на ЕУ, пред европските институции, со тоа да ги покријат недостатокот на реформи, нарушувањето на човечките права и неспремноста за почеток на преговори.Тоа не е вистинскиот пат“, изјави Радев.
Тој додаде дека Бугарија ќе продолжи да работи со сите институции во Брисел и партнери на Бугарија за решенијата за Македонија да не се засноваат на лобирање кое ги прикрива недостатокот од реформи и непочитувањето на правата.
„Многу се надевам дека Уставот нема да се искористи како параван за да се сокријат интимните сцени меѓу некои партии во Собранието од погледот на нашата јавност. Или како огномет да го одвлече вниманието од важните проблеми на општеството, кои не се во фокусот, или да биде лек за нашиот правосуден систем веќе преземен од лични партиски интереси, додаде шефот на бугарската држава.
Видете и ова: Пендаровски: Уставните измени не се недостижни„Уставот е темелот на државното уредување и општествените односи, а интервенцијата во овој темел и неговата промена мора да се направат крајно внимателно, за да се гарантира одржливост на општествено-политичките процеси“, изјави Радев.
Според него, многу е чудно како парламент, растргнат од противречности, со ниска јавна доверба и многу низок легитимитет, ќе работи на овие уставни измени.
Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за формално почнување на преговорите на земјата за членство во Европската Унија по завршувањето на скринингот. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство од 120-члениот парламент во Скопје, но засега, такво мнозинство нема.