Пендаровски: Уставните измени не се недостижни

Претседател на Северна Македонија, Стево Пендаровски

Опозицијата направи промена од 180 степени во однос на сопствените тврдења во изминатите месеци и на лидерската средба од нивна страна не беше спомнат бугарскиот диктат, ниту дека овој парламентарен состав нема мандат за уставни промени, вели претседателот на државата, Стево Пендаровски.

Според Пендаровски, ако ВМРО-ДПМНЕ продолжи да се држи до новиот пристап, тогаш бројката од 80 пратеници за усвојување на уставните измени не е недостижна.

„За жал, опозицијата реши да се грижи повеќе за својот рејтинг отколку за стратешките интереси на државата и само тоа е причината зошто е неизвесно дали ќе дојде до промената на Уставот“, вели Пендаровски во интервју за порталот „Фактор“ .

Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за формално почнување на преговорите на земјата за членство во Европската Унија по завршувањето на скринингот. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство од 120-члениот парламент во Скопје, но засега, такво мнозинство нема.

Видете и ова: Пендаровски-И јас би сакал уставни измени со одложена важност, но тоа е нереално

Како што потенцира претседателот на државата, на средбата на премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најголематата опозициска партија прифатила да влезе во Владата и да предводат пет ресори, а единствено изрази противење само за учество на ДУИ во таквата Влада.

Претседателот Пендаровски наведува и дека од првиот ден на усвојувањето на преговарачката рамка во Собранието, тој не бил ниту оптимист, ниту песимист, туку реалист „кој многу добро знае што содржи рамката и кои се позициите на двата спротивставени политички блока во однос на неа“.

Според шефот на државата, процесот на уставни измени нема ниту правна, ниту политичка поврзаност со евентуални предвремени парламентарни избори.