„Кралот на криптовалутите“ До Квон осуден на четири месеци затвор за лажен пасош

Хјеонг До Квон.

Еден од најбараните во светот Јужнокорејскиот државјанин Хјеонг До Квон, Основниот суд во Подгорица го осуди на четири месеци затвор поради лажни патни исправи.

Хјеонг До Квон, поранешен извршен директор и ко-основач на компанијата за криптовалути „Terraform Labs“ и неговиот деловен партнер Хон Чанг Џун беа уапсени на 23 март, за време на пасошка контрола на аеродромот во Подгорица.

На осомничените им беа одземени пасошите на Костарика, Јужна Кореја и Белгија кога се обиделе да се качат на приватниот лет Подгорица - Дубаи.

Видете и ова: Јужнокорејскиот „крал на крипотовалути“:Не финансирам изборна кампања во Црна Гора


Тие претходно пред судот изјавија дека се убедени дека нивните пасоши се легални. Нивниот адвокат по пресудата рече дека со клиентите ќе одлучува дали ќе поднесе жалба.

Во друг, посебен процес, Високиот суд во Подгорица на 15 јуни им одреди шестмесечен екстрадициски притвор за До Квон и Чанг Џун.

Црногорскиот суд во тој рок треба да одлучи за нивна екстрадиција во Јужна Кореја.

Соединетите Американски Држави, исто така, го бараат До Квон.