Министерот за правда Лога со предлог за распуштање на Судскиот совет

Северна Македонија, Кренар Лога, Министер за правда

Министерот за правда Кренар Лога денеска изјави дека скандалознтие случувања во Судски свет се причина за неговиот предлог да се распушти сегашниот состав на ова тело.

„Тоа што се случи во Судски совет сите не загрижува и го осудуваме тоа. Очекувам враќање во нормала. Едно од можните решенија, за кои разговарам и со политичките партии и со власта, е со законски преодни одредби да имаме престанок на мандатот на сегашниот состав на ова тело“, рече Лога.

Лога рече дека за да дојде до законските измени, ќе биде потребна согласност и од власта и од опозицијата во Собранието, па според него за можен консензус деновиве ќе разговара со нивни преставници.

Видете и ова: Зошто вештачењето е најголем ризик за корупција во правосудството?

Случувањата во Судскиот совет во последните месеци се тема на загриженост и од меѓународни и од домашни институции. Сериозни критики за правосудниот систем упати и холандскиот амбасадор во Скопје Дирк Јан Коп во интервју за Радио Слободна Европа каде посочи дека е ставен во „мирување “ голем проект финансиран од Холандија, осветен на зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет.

Загриженост за независноста во судството беше предизвикана откако за помалку од пет месеци две претседателки на Судскиот совет беа сменети. И двете обвинија дека причина за нивната смена е политички интерес.

Во меѓуврмее судиите Мирјана Радевска – Стефкова и Зоран Герасимовски си поднесоа оставки и при тоа рекоа дека не сакаат да се дел од тело кое мора да биде транспарнтно и отчетно. Како дополнителна причина тие ги наведоа и седниците на кои се вршеше избор на судии без да се почитува рангирање, но и разрешувањето на претседателката Весна Дамева.

Министерот за правда Лога денеска рече дека ги барал записниците од седниците, но наведе дека од необјаснети причини сите не му се доставени, а меѓу нив е и тој од разрешувањето на Дамева.

„За жал записникот што ние го бараме, до ден денеска не е доставен до Министерството“, рече Лога.

Мисијата на ОБСЕ спроведе анонимна анкета во која биле вклучени 212 судии и 83 обвинители. Повеќе од половина односно 62 проценти од судиите не го сметаат Судскиот совет како орган кој во пракса е независен во своето работење.

За Лога ова е загрижувачки и се надева дека националната стратегија за правосудството ќе помогне да се подобри состојбата.