Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти се уште не го потврдиле учеството на кризната средба што ја свика шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, со што се уште нема датум за одржување на состанокот.
Портпаролот на Европската унија (ЕУ) изјави дека се очекува српскиот претседател и косовскиот премиер да го потврдат своето присуство на оваа средба, без никакви предуслови.
„Не можевме да одредиме датум затоа што немаме одговори, освен што слушнавме многу неконструктивни забелешки во јавноста. Но, очекуваме тие (лидерите) да дојдат без предуслови и да најдат излез од кризата, бидејќи останува на нив двајцата да разговараат, да најдат решение. Со задоволство ќе им помогнеме. Но, на крајот, нивна одлука е да направат нешто за смирувањето, бидејќи тоа е во интерес на нивниот народ“, рече Петер Стано.
Видете и ова: Уапсен осомничен за нападот врз новинарите во ЛепосавиќВисокиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел на 15 јуни рече дека ќе ги покани Косово и Србија на состанок за управување со кризи.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека нема да оди на средба со премиерот на Косово.
Косовскиот премиер Албин Курти се уште не одлучил дали ќе учествува.
Според портпаролот на ЕУ, земјите-членки очекуваат поразумен однос од партнерите кои се стремат да влезат во Европската унија.
„Земјите-членки (ЕУ) го следат ваквото однесување, дали се подготвени за деескалација и дали постои волја да се реши ситуацијата“, предупреди Стано.
Тој потврди дека на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, што ќе се одржи на 26 јуни, ќе се разговара за дијалогот меѓу Србија и Косово.