Косовската полиција денеска соопшти дека уапсила осомничен за нападот врз новинарите во Лепосавиќ на 16 јуни.
Според полицијата, осомничениот е од српската заедница, идентификуван со иницијали У.В.
Надлежните соопштија дека апсењето е извршено во раните утрински часови на 19 јуни во селото Лепосавиќ.
„Неговото апсење и приведување во полициска станица е извршено како резултат на интензивни истраги и обезбедување докази дека е вмешан во нападот врз медиумите/новинарите на 16.06.2023 година. Сите понатамошни дејствија ќе бидат преземени во соработка и координација со правосудните органи“, се наведува во полициското соопштение.
Видете и ова: Шок бомби на северот на КосовоКанцеларијата за Косово при Владата на Србија го опиша апсењето како „продолжение на тортурата на [косовскиот премиер] Албин Курти“, обвинувајќи го косовскиот премиер дека ги користи „сите средства за да предизвика конфликт со мирниот српски народ“.
„Честитки. В. рано утрово откако отишол на работа, бил уапсен од припадници на косовската полиција во цивилна облека, а еден од нив дури и управувал автомобил со регистарски таблички КМ“, стои во реакцијата на Канцеларијата, во која се посочува на автомобилските таблички КМ (Косово Митровица) издадени од српските власти, кои Косово ги смета за незаконски.
Како што соопшти Канцеларијата за Косово при Владата на Србија, уапсениот има 28 години „и не е никаков криминалец“.
Ова е трето лице уапсено за напад врз новинари кои известуваат од северот на Косово, откако на 26 мај се зголемија тензиите во тој дел од земјата.