Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска ќе се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг, со што ќе го заврши реткото и клучно патување во Пекинг, кое имаше за цел да обезбеди да не прераснат во конфликт бројните спорови меѓу двете суперсили.
Состанокот на Блинкен со Си, на последниот ден од неговата дводневна посета, е прв од 2018 та година којшто се случува меѓу американски државен секретар со кинескиот лидер и може да помогне да се олесни самитот меѓу Си и американскиот претседател Џо Бајден.
Видете и ова: Блинкен во Пекинг со мисија да ги смири тензиите меѓу САД и КинаПравејќи ја првата посета на Кина од страна на американски државен секретар во последните пет години, Блинкен исто така одржа опсежни разговори со највисокиот кинески дипломат Ванг Ји и министерот за надворешни работи Чин Ганг .
„Мораме да заземеме одговорен однос кон луѓето, историјата и светот и да ја смениме надолната спирала на односите меѓу САД и Кина“, рече Ванг за време на средбата со Блинкен, според соопштението објавено од кинеското Министерство за надворешни работи.
Патувањето на Блинкен, кое беше одложено во февруари откако осомничен кинески шпионски балон прелета над воздушниот простор на САД, внимателно се следи ширум светот бидејќи натамошното влошување на односите меѓу двете најголеми светски економии може да има глобални импликации врз финансиските пазари, трговските практики и рути и синџирите на снабдување.