Седум ранети во нападите врз два руски погранични региони

Белгород

Два руски погранични региони беа нападнати од правец на Украина изутрината , на 19 јуни, при што беа ранети седум лица, меѓу кои и едно дете, пренесува агенцијата Франс прес повикувајќи се на изјави на локалните власти.

Како што се јавува, во Белгород биле погодени неколку станбени згради кај областа Валуиск, објави на Телеграм гувернерот на регионот на Белгород, Вјачеслав Гладков.

„Општинскиот округ Валуиск е нападнат од украинските сили. Според првичните информации, седум лица се ранети, меѓу кои и едно дете“, напиша Гладков.

Видете и ова: ЕУ ја забрзува испораката на оружје за Украина


Во нападите во пограничниот регион Курск пак, биле погодени две села, при што е сторена штета, но нема жртви, изјави тамошниот гувернер Роман Старовоит.

„Украинските сили утрово ги погодија селата Тјоткино и Попово-Лежачи“, напиша Старовоит на Телеграм, додавајќи дека ударите предизвикале прекин на електричната енергија и оштетиле неколку возила.

На Крим, кој Русија го анектираше од Украина во 2014 година, гувернерот Сергеј Аксјонов рече дека два дрона биле соборени во текот на ноќта.

Нападите врз руските региони кои граничат со Украина и Крим се интензивираа во последните неколку недели, бидејќи украинските сили започнаа контраофанзива за повторно преземање на земјиштето окупирано од руските трупи.