Курти: Правиме се за да ги ослободиме косовските полицајци

Архивска фотографија, Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека надлежните институции прават се Србија да ги ослободи тројцата припадници на косовската полиција, кои се во притвор откако беа уапсени од српските сили.

Косово и Србија изнесоа различни верзии за настаните, односно Приштина тврди дека српските сили „киднапирале“ полицајци на територијата на Косово додека патролирале во близина на границата, додека Белград тврди дека тие биле уапсени на територијата на Србија.

„Уште еднаш ја повикуваме меѓународната заедница да ја осуди агресијата на Србија на 14 јуни, кога нивните специјални воени и полициски единици ги киднапираа нашите полицајци“, изјави Курти.

Тој додаде дека офицерот за врска меѓу Косово и Србија, Јетиш Јашари, ќе ја посети полицијата на почетокот на следната недела.

На 17 јуни, заменик министерот за надворешни работи и дијаспора на Косово, Крешник Ахмети за Радио Слободна Европа изјави дека косовските полицајци се држат во нехумани услови. Ова тврдење Србија го демантираше.

Видете и ова: Косовската полиција негира дека тепала малолетници на север


Во меѓувреме, мировната мисија на НАТО на Косово соопшти дека „врз основа на достапните податоци не е јасно каде точно биле припадниците на косовската полиција во моментот на апсењето“.

Соединетите Американски Држави и Велика Британија повикаа на итно ослободување на косовските полицајци. Апсењето на косовските полицајци доаѓа во време на криза на северот на Косово, каде живее мнозинско српско население и се противи на доаѓањето на градоначалниците Албанци.

Тензиите кулминираа на 29 мај, кога српските демонстранти се судрија со припадниците на КФОР. Во судирите се повредени десетици луѓе од двете страни.