Косовската полиција негира дека тепала малолетници на север

Илустрација, косовска полиција

Косовската полиција ги демантираше наводите дека нејзини припадници претепале две лица на патот во општина Звечан на северот на Косово. Оваа реакција доаѓа откако Српска листа, најголемата партија на косовските Срби, ја обвини косовската полиција дека малтретирала двајца малолетници, брат и сестра.

„Различни изјави дека полицијата претепала две лица не се точни“, соопшти косовската полиција, додавајќи дека немало непрофесионално полициско однесување.


„Брат и сестра вечерва (17.06.) се брутално претепани во селото Житковац, општина Звечан“, соопшти политичката партија Српската листа, додавајќи дека косовските власти прават се за да го „протераат“ српскиот народ од Косово.

Видете и ова: Две шок бомби експлодираа во Митровица


Тие, исто така, посочија дека меѓународната заедница не прави ништо за да побара одговорност од косовскиот премиер Аљбин Курти.

Полицијата тогаш објасни дека инцидентот се случил попладнето на 17 јуни, кога патролната единица наишла на пет лица кои со два мотоцикли на четири тркала се движеле по улицата во месноста Извор - Бањска.

Велат дека две лица не го послушале нивниот знак да застанат и побегнале на планински пат, но потоа на нив наишла полиција.

„На оддалеченост од околу 350 метри други полициски службеници наишле на трето лице, кое побегнало пеш. На таа локација се појавила и жена која изјавила дека е мајка на две лица кои биле запрени од полицијата. По проверка на лицето и (моторот) на возилото, како и по завршување на полициската постапка три лица се пуштени на слобода“, соопштија од косовската полиција.

Ваквиот развој на настаните доаѓа во време кога тензиите на северот на Косово, каде живее мнозинско српско население, се зголемија од крајот на мај, кога косовските власти одлучија да ги преземат општинските згради за да можат новите албански градоначалници да започнат работа.

На ова остро се спротивстави локалното српско население кое ги бојкотираше изборите во април и не ги признава изборните резултати.

Ситуацијата ескалира на 29 мај, кога српските демонстранти се судрија со припадниците на КФОР во Звечан. Потоа имаше десетици повредени од двете страни.