Жестоки битки во Украина

При руските ракетни напади и гранатирање загинаа најмалку шест лица во изминатите 24 часа во Украина, соопштија регионалните власти. Украинската војска пријавила ограничен напредок во неодамна започнатата контраофанзива за враќање на територијата окупирана од Русија од почетокот на нејзината нелегална инвазија.

Четири лица загинаа кога руска противтенковска ракета погоди цивилен автомобил во областа Харков на 17 јуни, напиша гувернерот Олех Синјехубов на социјалната платформа Телеграм.

Во јужниот регион Херсон, две лица загинаа, а 25 други беа ранети во текот на изминатиот ден од руско гранатирање, изјави гувернерот Олександр Прокудин на 17 јуни.

Видете и ова: Украинските сили со контраофанзива, руските сили со засилени напади врз Херсон

Градот Херсон беше погоден од 44 руски гранати, рече Прокудин, додавајќи дека руските сили биле насочени кон станбени населби, згради во кои се сместени образовни и административни институции и трговски центар во Херсон.

Руските сили го гранатираа градот Никопол во јужниот регион Дњепропетровск, погодувајќи приватни куќи, трговски центри и далноводи и предизвикувајќи штети, напиша на социјалната платформа Телеграм шефот на регионалниот совет, Микола Лукашук.

Во источниот регион на Доњецк, градот Вуледар беше под руска артилериска стрелба 20 пати во текот на изминатиот ден, изјави регионалниот гувернер Павло Кириленко на 17 јуни.

Во Русија, гувернерот на руската област Брјанск, која граничи со Украина, на 17 јуни изјави дека руските сили одбиле напад со украински беспилотни летала врз рафинеријата во градот Новозибков, на околу 50 километри северно од украинската граница.

На бојното поле, Генералштабот соопшти дека продолжуваат борбите во Доњецк околу градовите Бахмут, Авдијивка и Маринка, каде што украинските сили воделе 36 битки во изминатите 24 часа.