Во изминативе 24 часа од Центарот за управување со кризи известуваат за излеани помали реки низ државата по обилните дождови. Инциденти со поплавени патишта и свлечишта на пат се евидентирани во неколку градови и села во североисточна и северозападна Македонија.
Крива Река и Киселичка Река се излеаја и предизвика големи штети, однесени се пешачки мостови, поплавени се домови на граѓаните. Општина Крива Паланка повика на смиреност по новонастанатата состојба и излевањето на долови и делови од Крива Река.
Крива Паланка вчера беше зафатена од силно невреме по што дојде до нагло зголемување на водостојот на Крива Река, Домачки Дол и Киселичка Река. Од зголеменото ниво на Крива Река дојде до излевање и поплавување на брегот.
Отсечено е селото Т‘лминци со 20 жители, од надојдената река преку мостот. Надојдени се водите на Куков Дол. Кај место викано „Над Базен“ има излевање на водата на Крива Река. На патниот правец Крива Паланка – село Луке“ од синоќа сообраќајот е целосно во прекин во двата правци поради свлечиште.
Во Општина Старо Нагоричане надојдена е и реката Пчиња кај Пелинце.
Центарот за управување со кризи предупредува да не се поминува по мостот кај село Пчиња, бидејќи тој е со слаба конструкција и за два часа ќе дојде до зголемен притисок. Поради зголеменото ниво на водите во Крива Река кои ќе дојдат и до реката Пчиња, постои опасност од уривање на мостот во селото Пчиња.
Видете и ова: Поплавен патот Градско- Прилеп, свлечишта пред ПлетварВо Прилеп се испумпуваше вода од деловни објекти на две улици. Регионалниот ЦУК Тетово известува дека се излеала реката Лакавица во нивите на село Турчане.
Продолжува неповолната хидролошка состојба во Делчевско. Новите поројни дождови кои вчера ја зафатија територијата на Општина Делчево оштетија дел од локалната патна мрежа во делчевското село Драмче каде од надојдените води е поткопан мостот кој минува низ селото, а поплавени се неколку вили и помошни објекти.
Претходно од ЦУК соопштија дека силниот дожд предизвикал излевање на Раечката река при што сообраќајот на регионалниот пат Градско-Прилеп утринава е во целосен прекин поради поплава.
Дождот предизвика излевање на Раечка река на местото каде што се градат нови два тунела и го направи патот непрооден. Оваа локација се поплавува редовно кога има малку посилен дожд.
Од Автомотосојузот (АМСМ) претходно соопштија дека на клучката кај „Мотел Дреново“, на коловозот има големо количество вода, а кај Плетвар пред тунелите имало свлечиште и одрон од карпи.