Политика, војна, протести и фудбал
УКРАИНА - Сирените за тревога се огласија во Киев во моментот кога седум африкански лидери пристигнаа во Украина во мировна мисија. Тие во Киев ќе се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а ден потоа ќе отпатуваат за Русија. Експлозиите што се слушнале во Киев биле предизвикани од системи за противвоздушна одбрана во близина на главниот град на Украина, изјави градоначалникот Виталиј Кличко.
БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на 16 јуни во Брисел изјави дека алијансата ќе ги зајакне политичките врски со Украина на самитот следниот месец, но дека засега „не станува збор“ за покана за членство на Киев, пренесе АФП.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Владата на Обединетото кралство повика на итно ослободување на тројцата косовски полицајци уапсени на 14 јуни.
„Ги повикуваме Косово и Србија да покажат максимална воздржаност, да избегнуваат еднострани мерки и да преземат итни мерки за намалување на тензиите“, се вели во соопштението на британската влада.
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин, говорејќи на економски форум во Санкт Петербург, рече дека руската економија може да порасне за два отсто. Во април Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) прогнозираше раст на рускиот бруто домашен производ од 0,7 отсто.
СРБИЈА - Во Србија поради обилните врнежи на сила се 42 вонредни ситуации, а од утрото на 16 јуни се евакуирани 55 лица, соопшти српското министерство за внатрешни работи. Во текот на ноќта меѓу 15 и 16 јуни, 75 лица се евакуирани од поплавените подрачја во различни делови на Србија.
МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски денеска, 16 јуни, изјави дека уставните измени се регулирани согласно законската процедура и дека тие во моментов се наоѓаат во работните тела на Владата. Штом ќе биде завршено нивното финализирање и формализирање од технички аспект и содржински ќе бидат доставени до Парламентот каде што ќе отпочне процедурата.
МАКЕДОНИЈА - „Ковачевски се плаши да оди на избори, се плаши да излезе на ТВ дуел. За да нема вака кажавме така кажавме, средба на тимови, средба на лидери, еве јавно пред македонската јавност на ТВ дуел, очи во очи да си кажеме тоа што сакаме па народот нека суди и нека пресудува“, изјави денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
kosovo - Се наоѓаме во едно проблематично време, но со основниот договор со Србија за којшто се согласивме за нормализација којашто е фактички фокусирана на заемно и меѓусебно признавање, се надевам дека ќе можеме да ги нормализираме односите и да ја деескалираме ситуацијата на терен, порача денеска, 16 јуни, од Струга во рамки на Преспа форумот косовскиот премиер Албин Курти. Во врска со ситуацијата на северот на Косово со четирите општини со мнозинско српско население, Курти рече дека се потребни предвремени избори, пренесе МИА.
САД - САД бараат од Србија и Косово да придонесат за регионалната стабилност, а оние кои не сакаат партнерство ќе ги сносат последиците, изјави на 16 јуни американскиот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар. На онлајн брифингот за новинарите, Ескобар зборуваше за актуелната криза меѓу Белград и Приштина, откако на 14 јуни тројца косовски полицајци беа лишени од слобода, а официјални лица од Србија и Косово дадоа контрадикторни информации за тој настан. Ескобар рече дека САД никогаш не зборувале за санкции туку за последици.
МАКЕДОНИЈА - Вработени во Царинската управа, членови на Синдикатот на УПОЗ, денеска за време на паузата одржаа предупредувачки протест пред зградата на управата, барајќи 30 проценти повика плата. За време на протестот, директорот на Царина, Стефан Богоев, ги повика на средба и истакна дека не очекува во ниту еден случај да дојде до затворање на гранични премини.
МАКЕДОНИЈА - Во месноста Моклиште, кај кавадаречкото село Ваташа, денеска беа одбележани 80 години од стрелањето на 12 младинци за време на Втората светска војна. На одбележувањето присуствуваа поголем број граѓани и претставници на Владата, на опозицијата и на локалните власти.
МАКЕДОНИЈА - Македонија не успеа да сочува водство од 2:0 по првото полувреме, и загуби со 2:3 со Украина во Скопје во второто коло од квалификациите за Европското првенство во 2024 година.