Курти: Потребни се предвремени избори на северот на Косово

Косовскиот премиер Албин Курти

Се наоѓаме во едно проблематично време, но со основниот договор со Србија за којшто се согласивме за нормализација којашто е фактички фокусирана на заемно и меѓусебно признавање, се надевам дека ќе можеме да ги нормализираме односите и да ја деескалираме ситуацијата на терен, порача денеска, 16 јуни, од Струга во рамки на Преспа форумот косовскиот премиер Албин Курти.

Во врска со ситуацијата на северот на Косово со четирите општини со мнозинско српско население, Курти рече дека се потребни предвремени избори, пренесе МИА.

„Давам великодушна понуда четирите градоначалници на север нема да мора да го завршат својот двогодишен мандат до 2025 година, можеме порано да имаме предвремени избори, но мораме да ја подготвиме ситуацијата на терен и тоа значи владеење на правото. Јас нема да ја предадам демократската република на фашистичките ентитети и на криминалните банди“, изјави Курти.

Тој додаде дека општинските згради во четирите северни оптшини и припаѓаат на Република Косово.

Видете и ова: Косовските полицајци во притвор, Србија ги сомничи за нелегално поседување оружје

На северот во Косово се уште траат тензиите во општините со мнозинско српско население, кои почнаа со протести против стапувањето на функција на албанските градоначалници во тие општини, а ескалираа со судири со полицијата и со КФОР. Последно случување е приведувањето на тројца косовски полицајци од страна на српската полиција, пореди, како што тврди Белград, навлегување на српска територија. Денеска, 16 јуни, тие добија притвор под сомнение за нелегално поседување оружје.