Косовските полицајци во притвор, Србија ги сомничи за нелегално поседување оружје

Тројцата косовски полицајци при апсењето од српското МВР на 14 јуни 2023

Вишото јавно обвинителство во Краљево донесе наредба за спроведување истражна постапка против тројца косовски полицајци поради сомнение дека сториле кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материјали. Обвинителството во тој град на југот на Србија на 16 јуни по сослушувањето на полицајците соопшти дека на сите осомничени им е одреден притвор. За делото за кое се сомневаат косовските полицајци предвидена е казна затвор од две до 12 години.

Косовскиот премиер Албин Курти претходно изјави дека обвинителот во Србија очигледно се откажал од обвинението за тероризам и дека полицајците се товарат за нелегално поседување оружје. Курти ова го изјави на 16 јуни на форумот во Преспа во Северна Македонија, наведувајќи дека полицајците мора да бидат ослободени и дека меѓународната заедница „мора решително и јасно да ја осуди српската агресија врз Косово“.

Видете и ова: Тројцата косовски полицајци на сослушување во Србија

За овој притвор на уапсениот му се врачува решение во кое мора да се прецизира делото за кое се товари осомничениот. Осомничениот мора да има адвокат и преведувач. Доколку осомничениот не обезбеди бранител во рок од четири часа, тогаш се доделува по службена должност. Засега не се знае кој ги застапува уапсените.

Според властите во Белград, тројца косовски полицајци биле уапсени на 14 јуни, на длабочина од повеќе од еден километар на територијата на Србија. Директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ, во првите обраќања ги означи како „терористи“. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, потоа изјави дека „треба така да гледате кога некој со оружје ќе ја нападне вашата територија“.

Овој случај е последен во серијата инциденти кои ги зголемија тензиите меѓу Србија и Косово во последните недели.