И „Царина“ на протест за повисоки плати, можен е и генерален штрајк

Предупредувачки протест за повисоки плати на вработените во Царина, директорот Стефан Богоев ги повика на разговори, 16 јуни 2023

Вработени во Царинската управа, членови на Синдикатот на УПОЗ, денеска за време на паузата одржаа предупредувачки протест пред зградата на управата, барајќи 30 проценти повика плата. За време на протестот, директорот на Царина, Стефан Богоев, ги повика на средба и истакна дека не очекува во ниту еден случај да дојде до затворање на гранични премини.

Како што појасни Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, вработените во Царината тие бараат правилна примена на член 67 став 3 од Закон за Царинска управа, во кој е наведено дека царинските службеници добиваат 30 проценти од платата како надополнување на редовната плата, поради посебните услови од работа како и поради посебна одговорност што произлегува од работното место.

Видете и ова: Претстои жешко синдикално лето: притисок на јавниот сектор за повисоки плати

„Со службите на Царинска управа, ќе разговараме што досега е направено, бидејќи и досега се направени работи во поглед на работничките права и условите за работа. Во координација со Управата за јавни приходи, која има сличен проблем, ќе разговараме со Министерството за финансии“, изјави директорот на Царина, Богоев.

Деаноски потенцираше дека протестот е за време на паузата и со него не се нарушува работниот процес, но оти не е исклучена можноста и за генерален штрајк на ниво на синдикат воопшто.

Од вчера вработените во Управата за јавни приходи по два часа дневно, од 10 до 12, протестираат на работното место, без да ги извршуваат работните обврски. Тие бараат зголемување на платите од 30 отсто. Пред Основниот кривичен суд протестира и судската администрација, која бара да се изгласа закон за зголемување на нивните плати, а дотогаш да добиваат додатоци во висина од 25 отсто од платите.