Тројцата косовски полицајци на сослушување во Србија

Фотографија од апсењето на косовските полицајци дистрибуирана од српското Министерство за внатрешни работи, 14 јуни 2023

Во Вишото јавно обвинителство во Краљево во тек е распитот на тројцата косовски полицајци кои, според властите во Белград, беа уапсени на 14 јуни. Ова за Радио Слободна Европа (РСЕ) го потврдија во обвинителството во тој град на југот на Србија.

Од обвинителството не одговорија на прашањата на РСЕ дали и за какви дела се товарат, ниту колку ќе трае рочиштето.

Властите во Србија денеска (16.06.) треба да одлучат за понатамошниот третман на тројцата косовски полицајци, бидејќи тогаш ќе истечат 48 часа од нивното апсење. Тоа е законскиот рок во кој обвинителството треба да одлучи дали ќе предложи притвор од еден месец, а потоа судијата да ја донесе одлуката. Доколку не се донесе таква одлука, уапсените полицајци мора да бидат ослободени.

Косовската полиција го засили присуството во северна Митровица

Според властите во Белград, тројца косовски полицајци биле уапсени на 14 јуни, на длабочина од повеќе од еден километар на територијата на Србија. Надлежните во Србија не соопштуваат за што се товарат, ниту каде се наоѓаат во моментов. Властите во Приштина тврдат дека косовски полицајци биле киднапирани на територијата на Косово при обиколка на границата.

Овој случај е последен во серијата инциденти кои ги зголемија тензиите меѓу Србија и Косово во последните недели.