Основниот кривичен суд Скопје на денешното рочиште ги отфрли како неосновани барањата на Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски за амнестија за случајот „Организатори на 27 април”.
„Се одбива како неосновано барањето за амнестија, бидејќи не се исполнети условите од член 1, став 2, алинеја еден и два од Закон за амнестија“, изјави претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков.
Со оглед дека обвинетите имаат право на жалба на одлуките, судењето се одложува за 6 јули 2023 година. Судот, на почетокот информираше дека го добил мислењето на Јавниот обвинител, дека обвинетите не се лица кои ги опфаќа Законот за амнестија и дека во оваа фаза не постои правна можност Судот да одлучува по амнестијата.
Адвокатот Еленко Миланов, во однос на мислењето на јавниот обвинител, наведе дека не го ограничува Судот да донесе решение со кое ќе ја запре постапката согласно одредбите од Законот за амнестија од 2018 година, со што примената на институтот амнестија не е врзан само во делот со одлучување на пресуда.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година и предметот го врати на повторно судење.