Стејт департмент: Зголемете ги ресурсите за истрага на трговијата со луѓе

Илустрација - Зградата на Стејт департмент во Вашингтон

Потребно е зголемување на ресурсите на полицијата и обвинителството за проактивна истрага на трговијата со луѓе, се вели во извештајот на американскиот Стејт департмент, оценувајќи дека Северна Македонија не ги исполнува во целост минималните стандарди за спречување на трговијата со луѓе, иако државата презема значителни напори во оваа сфера.

Како што се наведува во извештајот, презмени се мерки за спроведување на законот, вклучително и истраги, гонење и осудување на повеќе трговци со луѓе.

„Владата не ги исполни минималните стандарди во неколку клучни области. Владата идентификуваше значително помалку жртви, а Обвинителството за организиран криминал и корупција немаше доволно ресурси за да се справи со сите случаи под нејзина јурисдикција“, пишува во извештајот.

Во извештајот се наведени и препораки за земјата за засилување на борбрата против трговијата со луѓе.

„Енергично истражувајте, гонете и осудувајте трговци со луѓе, вклучително и службеници соучесници, и барајте соодветни казни, вклучувајќи, доколку е соодветно, значителни затворски казни. Доделете доволно ресурси за заштита на жртвите, вклучително и за мобилните тимови за идентификација, засолништето за жртви на трговија со луѓе и за поддршка на специјализирани услуги за возрасни машки жртви“, се дел од препораките на американскиот Стејт департмент.