Детонации во близина на полициски станици на северот на Косово

Илустрација - Косовска полиција во Северна Митровица, архивска фотографија

Портпаролот на косовската полиција за север, Ветон Ељшани, за Радио Слободна Европа потврди дека во текот на ноќта се слушнале детонации во близина на станиците во Звечан и Северна Митровица. Елшани вели дека најверојатно се работи за шок бомби. Повредени нема, а оштетено е едно полициско возило. Портпаролот на полицијата наведува дека е отворена истрага, но дека нема осомничени.

Тензиите на северот на Косово, населен претежно со Срби, се зголемија во последните три недели. Почнаа на 26 мај, кога новите албански градоначалници на општините на север, со асистенција на косовската полиција, влегоа во општинските згради, со противењето на тамошните Срби.

Видете и ова: САД бараат итни чекори од Косово и Србија за смирување на ситуацијата

Тензиите кулминираа на 29 мај, кога српските демонстранти се судрија со членовите на мисијата на НАТО на Косово, КФОР, во Звечан. Во судирите се повредени десетици луѓе од двете страни. Исто така, на 13 јуни косовската полиција спроведе акција во Северна Митровица, каде го уапси Милун Миленковиќ. Министерот за внатрешни работи Џелал Свечља изјави дека уапсениот е осомничен дека е еден од организаторите на настанот во Звечан на 29 мај.

Ден потоа, српските сили на северот на земјата уапсија тројца припадници на косовската полиција, акција која Владата на Косово ја опиша како киднапирање. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пред еден ден изјави дека ниту еден војници и полицајци од Србија не ја поминале границата со Косово. Тој рече дека српската полиција уапсила тројца косовски полицајци на 1,8 километар од границата.