Портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер изјави дека Србија треба безусловно да ги ослободи тројцата припадници на косовската полиција. Тој рече дека и двете страни треба да го следат планот од три точки претставен од Европската унија, вклучително Косово да гарантира дека избраните градоначалници ги извршуваат своите должности на алтернативни локации и да ги повлече полициските единици од околните области.
„Сметаме дека Косово и Србија треба да преземат итни чекори за смирување на ситуацијата“, изјави Милер за новинарите.
Тројцата косовски полицајци беа уапсени на 14 јуни. Косово смета дека апсењето е киднапирање од страна на српските власти на територијата на Косово.
Како што соопштија од косовската полиција, полицајците се уапсени во Тресаве/Баре во општината Лепосавиќ, на територијата на Косово.
Од Белград, пак, изјавуваат дека не се работи за киднапирање, туку за апсење на полицајци на територијата на Србија.
Видете и ова: Одлуката за мерките за Косово беше неопходна, вели портпаролот на ЕУВластите во Косово остро го осудија овој чин и ја повикаа меѓународната заедница да го стори истото.
Милер рече дека САД очекуваат страните без одлагање да го следат планот од три точки претставен од Европската унија:
„Како дел од ова, премиерот Албин Курти мора да гарантира дека избраните градоначалници ги извршуваат своите должности од алтернативни локации и ги повлекуваат полициските единици од околните области“.
Меѓународната заедница има три барања до косовскиот премиер Аљбин Курти во врска со ситуацијата на северот:
- Деескалација на ситуацијата
- Одржување на нови избори
- Враќање на дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, со посредство на Европската Унија.
Курти, пак, пред неколку дена презентираше план од пет точки за намалување на тензиите, на што ЕУ одговори дека не содржи конкретни планови за смирување на ситуацијата на северот на Косово.
Видете и ова: Вучиќ на ЕУ и Квинта им понудил снимка од апсењето на косовските полицајциПретходно, во четврток, на 15 јуни, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, изјави дека следната недела ќе ги покани претставниците на Косово и Србија во Брисел на итен состанок за управување со кризи.
Зборувајќи за актуелната ситуација во Косово, Борел рече дека во моментов се е вратено во фазата на управување со кризи и дека ќе ги повика страните на итен состанок.
Дипломатски извори за Радио Слободна Европа велат дека станува збор за средба на косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тензиите на северот на Косово се зголемуваат од 26 мај, кога новите албански градоначалници на општините на северот, кој е населен претежно со Срби, влегоа во општинските згради.
Локалните Срби се противеа на вакво нешто, а од 29 мај континуирано протестираат пред општинските згради.