Георгиев: Судиите немаат храброст, па пријавуваат „влијанија“ на анонимни анкети

Илустрација, Судски совет

Претседателот на Судски совет, Сашко Геогиев им порача на судиите кои ја пополнувале последната анкета за доверба во судството дека немаат храброст што за влијанијата проговориле анонимно, а не пријавуваат во Советот.

Смета дека на тој начин сами си го рушат интегритетот. Во исто време им замери што посочиле и дека не му веруваат на Судскиот совет бидејќи и таму според анкетата сметаат дека има надворешни влијанија, па ги упати правдата да ја бараат во обвинителството или други институции.

„Се доведува во прашање интегритетот на судиите. Тие анонимно пријавуваат аномалии, а од друга страна не ги истакнуваат ваквите аномалии, па така сами на себе си препишуваат дека немаат доволно храброст. Нека пријават со име и презиме, лично кај мене, а не вака, анонимно. Треба точно да се знае во никој случај не вака анонимно“, посочи претседателот на Судски совет.

Видете и ова: Правосудството и јавната администрација - лоши стартери во преговорите со ЕУ

Мисијата на ОБСЕ спроведе анонимна анкета во која биле вклучени 212 судии и 83 обвинители. Во прашалниците се барало судиите да оценат 36 потенцијални ризици, од кои 18 надворешни и 18 внатрешни, додека обвинителите требало да оценат 35 потенцијални ризици што имаат влијание врз уривањето на системот и непристрасноста на судиите и јавните обвинители.

Во истражувањето повеќе од половина односно 62 проценти од судиите не го сметаат Судскиот совет како орган кој во пракса е независен во своето работење. И покрај тоа што вредностите како транспарентност и очетност на Судскиот совет е усогласена со меѓународните стандарди и принципи, колективното однесување на Советот не ги отсликува овие вредности во очите на правосудството. Само 32 проценти од судиите веруваат дека составот и начинот на избор на членовите на Судскиот совет ја обезбедува неговата независност и непристрасност, додека 67 проценти не веруваат во тоа.