Курти - Од безбедносни причини засилени граничните контроли со Србија

Косовскиот премиер Албин Курти

Владата на Косово објави дека е засилена контролата на границата со Србија. Косовскиот премиер Албин Курти изјави: „нашата цел е безбедноста, а безбедноста започнува на границите“.

„Од безбедносни причини, како итен и неопходен чекор, засилени се граничните контроли со Србија, ограничување на сообраќајот и зголемена контрола на возилата кои доаѓаат од Србија, особено транспортните“, посочи Курти.

Барајќи итно ослободување на „киднапираните“ полицајци, тој ја повика меѓународната заедница да ги осуди постапките на Србија и рече дека е „изненаден од нејзиниот молк“.

„Вчерашниот случај е агресија врз нашата демократска држава, одмазда против косовската полиција која се бори против криминалот и намерата да ја дестабилизира и ескалира ситуацијата во време кога веќе предложивме план од 5 точки за деескалација и стабилизација“, соопштија од косовскиот премиер.

Видете и ова: Зголемена контрола за автомобилите со српски таблички во Косово

Курти овие коментари ги даде за време на заедничката прес-конференција со министерот за внатрешни работи Џелал Свечља, која се одржа по состанокот на Советот за национална безбедност, на кој учествуваа претставници на безбедносните, судските и финансиските институции на Косово, откако српските сили тој ден на северот на земјата уапсија тројца косовски полицајци.

Полицијата ова го оквалификува како „класично организирано киднапирање“ на територијата на Косово, додека Белград тврди дека биле уапсени од антитерористичките единици на српската жандармерија на територијата на Србија, во општина Рашка.

Инцидентот, како што соопшти косовската полиција, се случил во средата напладне кога српските сили ги киднапирале за време на патрола во градот Тресаве/Баре, на граничната линија на северот на Косово.

Градот Тресава/Баре се наоѓа во општина Лепосавиќ, на територијата на Косово.

Овој настан се случува во време кога се интензивираа тензиите на северот на Косово, населен претежно со Срби.

Видете и ова: Приштина обвинува дека тројца косовски полицајци биле киднапирани, Србија тврди дека тие биле уапсени

Тензиите започнаа на 26 мај кога косовската полиција им помогна на албанските градоначалници на општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ да пристапат до општинските објекти, и покрај протестот на локалните Срби.

Овие градоначалници беа избрани на изборите на 23 април, кои беа бојкотирани од локалните српски партии и населението.

Тензиите кулминираа на 29 мај, кога локалните Срби се судрија со членовите на КФОР.

Во судирите на двете страни се повредени десетици луѓе.

Исто така, на 13 јуни косовската полиција спроведе акција во Северна Митровица каде го уапси Милун Миленковиќ.

Министерот за внатрешни работи Џелал Свечља изјави дека уапсениот е осомничен дека е еден од организаторите на настанот во Звечан на 29 мај.