Иако Владата на Косово предупреди дека косовските институции донеле одлука да забранат влез на возила со српски регистерски таблички на територијата на државата, според информациите од терен, автомобилскиот сообраќај продолжува.
Но, сите автомобили со српски регистерски таблички подлежат на зголемени контроли.
Владата на Косово претходно на 14 јуни, објави дека по „киднапирањето на тројца косовски полицајци од страна на српските сили“, институциите одлучиле да забранат влез на возила со регистарски таблички на Република Србија.
Ова за Радио Слободна Европа го потврди владиниот портпарол Прпарим Круезиу, кој рече дека по последните настани косовските институции донеле одлука за зголемување на нивото на граничната контрола.
„Од безбедносни причини институциите одлучија да го зголемат нивото на граничните контроли. Затоа како итен чекор е одлучено да се забрани влез на возила со српски регистарски таблички во Косово, додека анализата на состојбата од страна на безбедносните институции продолжува. Следните активности ќе бидат преземени врз основа на препорака на институциите за спроведување на законот“, рече Круезиу.
Оваа одлука на Владата на Косово стапува во сила веднаш.
Видете и ова: Приштина обвинува дека тројца косовски полицајци биле киднапирани, Србија тврди дека тие биле уапсениНа социјалните мрежи, дел од српската заедница известува дека без проблем го минуваат граничниот премин со таблички издадени од српските власти.
Во текот на денот, косовската полиција објави дека тројца нејзини гранични службеници наводно биле киднапирани од српските сили на граничната линија на северот на Косово.
Од друга страна, властите во Белград тврдат дека уапсените биле длабоко на територијата на Србија
Властите во Косово ја осудија оваа акција, која ја опишаа како „акт на агресија“, барајќи од меѓународната заедница да ја осуди Србија, а полициските службеници веднаш да бидат ослободени. Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека полицијата уапсила тројца косовски полицајци на 1,8 километар од границата.
Ова се случува во период на зголемени тензии на севреот на Косово. Тензиите започнаа на 26 мај, кога новите албански градоначалници на општините на север, со асистенција на косовската полиција, влегоа во општинските згради, со противење на локалните Срби.
Тензиите кулминираа на 29 мај, кога демонстрантите се судрија со членовите на мисијата на НАТО на Косово, КФОР, во Звечан. Во судирите беа повредени десетици луѓе од двете страни.