Од Бесими до Лукашенко, од Илинденска до Тузла

КОСОВО - Косовската полиција извести дека тројца нивни гранични службеници наводно биле киднапирани од српските сили за време на патрола во градот Тресава - Баре, на граничната линија на северот на Косово. Селото се наоѓа во општина Лепосавиќ.

РУСИЈА - Предлог-законот што ќе им овозможи на криминалците да се приклучат на руската војска помина во Долниот дом на рускиот парламент.
Согласно законот, во армијата може да се пријават криминалци кои не извршиле кривични дела од сексуална природа, предавство, тероризам или екстремизам.

САД - Дијалогот со посредништво на Европската унија е единствен пат напред за Србија и Косово, изјави американската амбасадорка во НАТО, Џулијан Смит, одговарајќи на новинарско прашање на онлајн конференцијата за медиуми, која се одржа на 14 јуни. Таа изјави дека НАТО сојузниците „со голем интерес и одредена доза на загриженост“ ги следат случувањата во Косово.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека Буџетот е во добра кондиција и затоа не очекува наскоро да има ребаланс.

МАКЕДОНИЈА - Набавката на „трикафта“ за пациентите со цистична фиброза, кои го чекаат лекот, повторно заглави во министерско-владини лавиринти, алармираат родителите на пациентите. Елмир Сејфулаи, еден од родителите на дете болно од цистична фиброза денеска изјави дека модуларната терапија сѐ уште не е достапна за пациентите, иако одамна се истечени роковите, кои Владата сама ги даде.

ПАКИСТАН / ИНДИЈА - Повеќе од 100 000 луѓе се евакуирани од патеката на моќниот циклон кој се движи кон Индија и Пакистан, а синоптичарите во средата предупредија дека може да уништи домови и да урне далноводи.

УКРАИНА - Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси го одложи планираното патување во украинската нуклеарна централа Запорожје додека не биде побезбедно за патување, изјави во средата висок функционер на украинската влада.

БиХ - Малолетен ученик денеска пукал во основното училиште во Лукавац кај Тузла, потврди градоначалникот на Лукавац, Един Делиќ.
Делиќ изјави дека има повредени.
„Меѓу нив нема деца, затоа ги молам родителите да ја контролираат паниката. Насилникот е малолетно дете и веднаш е уапсен. Тежок ден“, објави Делиќ на Фејсбук.

БЕЛОРУСИЈА - Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко изјави дека нема да се двоуми да нареди да се користи руско тактичко нуклеарно оружје кое би било распоредено во Белорусија во случај на агресија врз неговата земја.