Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко изјави дека нема да се двоуми да нареди да се користи руско тактичко нуклеарно оружје кое би било распоредено во Белорусија во случај на агресија врз неговата земја.
Претходно оваа година, рускиот претседател Владимир Путин ги објави плановите за распоредување на нуклеарно оружје со краток дострел во соседна Белорусија, сојузник на Русија.
Иако Путин нагласи дека Русија ќе ја задржи контролата врз споменатото оружје, изјавата на Лукашенко го сугерира спротивното, наведува АП.
„Не дај Боже денеска да треба да донесам одлука за употребата на тоа оружје, но не би се двоумел во случај на агресија“, рекол Лукашенко, а пренесува белоруската државна агенција БелТА.
Руските власти се уште не ги коментирале изјавите на Лукашенко.
Видете и ова: „Прашање на денови“ е кога ќе стигне руското нуклеарно оружје во БелорусијаЛукашенко нагласи дека побарал од Путин да распореди руско нуклеарно оружје во Белорусија и додаде дека таков чекор е неопходен за да се спречи потенцијална агресија.
„Верувам дека никој не би сакал да се спротивстави на земја која има такво оружје. Тоа е застрашувачко оружје“, посочи Лукашенко.
На 9 јуни, Путин го објави својот план за распоредување на тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, почнувајќи од почетокот на јули.
Путин рече дека подготовките за клучните објекти ќе бидат завршени на 7 и 8 јули, а потоа ќе започне преместувањето.
Тоа би значело дека преместувањето ќе започне непосредно пред самитот на НАТО во Литванија, која граничи со Белорусија. Самитот во литванската престолнина Вилнус ќе се одржи на 11 и 12 јули.