Борел предложил мерки против Владата на Косово

Косовскиот премиер Албин Курти ( лево) и високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел

Кабинетот на високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, подготвил предлог за пакет мерки насочени кон Владата на Косово и премиерот Албин Курти,поради недостиг на политичката волја за да се преземат неопходните мерки за деескалација на ситуацијата на северот на Косово.

Како што дознава Радио Слободна Европа (РСЕ) од дипломатски извори во Брисел, меѓу предложените мерки што ги подготвил кабинетот на Борел е да се блокираат сите покани за Косово на настани од високо ниво и да се откажат билатералните посети на Приштина, освен оние кои имаат за цел решавање на кризата на северот на земјата.

Се предлага суспендирање на значителното финансирање од ЕУ, почнувајќи со суспендирање на одобрувањето и спроведувањето на предлозите поднесени од Косово во последниот круг на Инвестицискиот фонд за Западен Балкан и суспензијата на некои поткомитети меѓу ЕУ и Косово, во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Портпаролот на ЕУ Петер Стано во вторникот потврди дека кабинетот на шефицата на европската дипломатија споделил со земјите-членки на ЕУ „нацрт мерки што треба да се преземат доколку премиерот Курти не преземе соодветни и итни чекори за деескалација на ситуацијата и намалување на тензиите“.

Дипломатски извори од повеќе земји-членки на ЕУ за РСЕ потврдија дека земјите-членки на ЕУ не се обврзани да ги спроведат предложените мерки, но секако се очекува да ги почитуваат.

Некои дипломатски извори посочија дека одредени земји на ЕУ „веќе презеле некои свои мерки“ кои се слични на некои елементи од пакетот предлози што го подготви кабинетот на Жозеп Борел.

Видете и ова: „Три статути и една визија“ за формирање Заедница на општини во Косово


На 3 јуни, ЕУ побара од косовските власти да дејствуваат на неескалирачки начин и веднаш да ги прекинат полициските операции во близина на општинските згради на северот на Косово, како и новоизбраните градоначалници во четири општини на север привремено да ги извршуваат своите работни задачи во други простории надвор од општинските згради и во најкраток можен рок да распишат предвремени избори.

ЕУ, исто така, предупреди дека е подготвена да преземе мерки против оние политичари кои одбиваат да влијаат кон смирување на ситуацијата.

Европските и американските пратеници, Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар, овие барања му ги пренеле на шефот на косовската влада при минатонеделната посета на Приштина.

Но, како што јави Радио Слободна Европа, од Курти не добиле гаранции дека ќе бидат исполнети сите барања.

На 13 јуни, косовскиот премиер Курти изјави дека предлогот за намалување на тензиите на северот на Косово им го пренел на претставниците на САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија како и дека истиот го препрати до Борел.

Видете и ова: Приведен организатор на нападот врз припадници на КФОР во Косово, се огласија и сирени за тревога

Неговиот план од пет точки вклучува идентификација, гонење и судење на сите членови на криминални групи кои ги нападнаа полицијата, силите на НАТО и новинарите; повлекувањето на насилните трупи од територијата на Косово и забраната за криминални дејствија против институциите на Косово.

Коментирајќи ја содржината на писмото, портпаролот на ЕУ Петер Стано оцени дека „досега не сме виделе никакви решителни и итни чекори на премиерот Курти неопходни за деескалација на ситуацијата“.