Власта подготвена да се откаже од премиерското столче, ако опозицијата застане зад уставните измени

Комбо фотографија од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и премиерот Димитар Ковачевски

Власта е подготвена да се откаже и од премиерската функција, ако опозициската ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да застане зад процесот со уставните измени со кои би се внеле Бугарите во Преамбулата, како што брифираа денеска владини извори. Според нив, ова е последно можно сценарио, затоа што актуелниот премиер, како што велат, нема намера да бега од одговорноста во носењето на тешки одлуки за државата.

Од власта велат и дека партијата СДСМ останува на ставот дека доколку опозициската ВМРО-ДПМНЕ влезе во широка владина коалиција, таа ќе се откаже од пет од своите 10 министерски места, при што со излезот на ДУИ од актуелната коалиција бројот на министерски позиции кои би можеле да ги добијат ВМРО-ДПМНЕ ќе се зголеми.

Од власта не гледаат потреба од нова лидерска сè додека не се усогласат некои од тие отворени прашања кои се наметнаа по лидерската средба на 7 јуни меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Видете и ова: Партиски покер за уставни измени

Ууставните измени ќе влезат во собраниска процедура до крајот на овој месец, и најверојатно во јули ќе се најдат на дневен ред на собраниска седница е оптимистичкото сценарио, велат владини извори.

Оттаму потврдија дека по лидерската средба нема никаква комуникација меѓу власта и опозицијата. Извори од Владата тврдат дека ќе почекаат ВМРО ДПМНЕ да делегира свои претставници во работната група за процесот на уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ го отфрли предлогот да учествува во таква работна група и инсистира СДСМ да се изјасни за нивните предлози.

Видете и ова: Беса не сака во широка коалиција, ДС вели ваква влада ќе пропадне

Инаку, на лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, СДСМ предложи широка коалиција со сите партии кои се за евроинтеграција, но пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го прифати предлогот со услов - влада на широка коалиција, но без ДУИ да учествува во неа и одложено важење на уставните измени. Додека ДУИ го прифати предлог да оди во опозиција, но само до одржување на избори, ако ВМРО-ДПМНЕ претходно гласа за уставните измени со стапување во сила веднаш по гласањето во Собрание.