Франција на 13 јуни соопшти дека открила голема руска кампања за дезинформација, при што лажните вести непријателски настроени кон Украина изгледаат како да се објавени од познати француски медиуми.
Западните држави се загрижени поради интензивирањето на кампањите за дезинформација предводени од Русија, бидејќи Москва се обидува да влијае на јавното мислење ширум светот во врска со нејзината инвазија на Украина.
„Франција ги осудува овие постапки недостојни за постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации“, рече министерката за надворешни работи Кетрин Колона.
Франција веќе неколку години алармира поради наводните руски кампањи за дезинформација во областите на франкофонската Африка, особено оние каде што била активна руската платеничка група Вагнер.
„Оваа кампања особено се заснова на создавање лажни веб-страници кои се претставуваат како национални медиуми и владини сајтови, како и создавање на лажни сметки на социјалните мрежи“, рече таа.
„Нема да ја одврати Франција“
Најмалку четири француски дневни весници - Le Parisien, Le Figaro, Le Monde и 20 Minutes, беа жртви на операцијата.
На мета беа и други големи медиуми, особено германските, вклучувајќи ги Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, Дер Шпигел и Билд.
„Самото француско Министерство за надворешни работи спречи обид да се создаде лажна репродукција на сопствената веб-страница. Ниту еден обид за манипулација нема да ја одврати Франција да ја поддржи Украина во лицето на руската агресивна војна“, изјави таа.
Се верува дека кампањата вклучува техники кои вклучуваат производство на лажни написи на страница идентична во сите погледи на оние на легитимните сајтови на медиумските организации, но со различно име на домен.
Операцијата откриена од владата е „втора фаза“ од кампањата што веќе излезе на виделина во 2022 година „но со пософистицирани начини на дејствување наменети да ги заобиколат контрамерките и да бидат помалку видливи“,вели извор од безбедноста кој побара да остане анонимен за новинската агенција Франс Прес.