Пирц Мусар: Уставни измени и усогласен правен систем, важни за влез во ЕУ

Обраќање на претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар

Да се донесат уставни измени, но и правниот систем да се прилагоди на Европската Унија се неопходни чекори во процесот за пристапување на Северна Македонија кон Унијата, порача денеска претседателката на Република Словенија Наташа Пирц Мусар пред пратениците во Собранието. Таа очекува овој процес да продолжи без дополнителни одлагања. Според неа чекањето не е добро ниту за ЕУ, ниту за Северна Македонија и порача дека реформите се тие кои носат промени, но и напредок.

„Ние, европските држави, покажавме единство и солидарност. На Украина и понудивме помош, а поддршка и помош на Украина понуди и Северна Македонија. Северна Македонија ги поддржа позициите и ставовите на ЕУ, покажа усогласување со заедничката надворшена и безбедносна политика на ЕУ. Словенија ја цени македонската поддршка за Украина и украинската нација, рече Пирц Мусар.

Видете и ова: Партиски покер за уставни измени

Според неа, кога Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ, македонскиот јазик ќе биде официјален јазик, а негувањето на македонскиот јазик ќе биде приоритет не само на Северна Македонија, туку и на целата интеграција. Таа потенцираше дека словенечкиот јазик денес е официјален јазик во ЕУ, а словенечкиот идентитет е дел од европскиот идентитет.

„Сите средби во Брисел се толкуваат и на словенечки јазик. Нашите пратеници во Европскиот Парламент во секое време можат да се обратат на своите колеги на словенечки јазик. Истото ќе можат да го сторат и европските парламентарци од Северна Македонија и се разбира претставниците на Владата. Патот до ЕУ е тежок и полн со предизвици. Северна Македонија вложува труд и резултатите се видливи“, порача Пирц Мусар пред пратениците.

Видете и ова: Пендаровски-И јас би сакал уставни измени со одложена важност, но тоа е нереално

Пирц Мусар истакна дека Европската Унија ја почитува разноликоста на јазиците и на идентитетите и поради тоа нема потреба од страв.

Таа е во дводневна посета на Скопје. Пред обраќањето во Собранието се сретна и со македонскиот претседател Стево Пендаровски. Во фокусот на разговорите меѓу Пендаровски и Пирц Мусар биле билатерални односи меѓу Северна Македонија и Словенија и можностите за нивно унапредување, европската перспектива на нашата држава, како и состојбите во поширокиот регион, во контекст на војната во Украина.