Македонскиот претседател Стево Пендаровски изјави дека барањето на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ уставните измени да се донесат, но да бидат со одложено дејство и да важат откако Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ е надвор од реалноста.
„И јас би сакал сакал такво нешто, но заклучоците на Советот на Европа се кристално јасни морате да направите уставни промени до крајот на скрининг процесот, за по автоматизам да продолжите со втората меѓувладина конференција и отворање на кластерите. Во тие заклучоци на Советот на Европа е вграден и ставот на Бугарија. За такво нешто треба да имаме нови заклучоци со консензус за да можеме воопшто да разговараме дека е можно денеска да ги усвоиме уставните измени, а да имаат дејство по завршувањето на преговорите, тоа е сосема нереално. Се надевам дека не станува збор за изговор само за да не се влезе во процесот на уставни измени,“ изјави Пендаровски кој посочи дека е изненаден од од информацијата дека главната опозициска партија би сакала да биде и дел од Владата со пет ресори и да гласа од таа позиција.
Видете и ова: Партиски покер за уставни измениТој на заедничката прес-конференција во Скопје со неговата словенечка колешка Наташа Пирц Мусар изјави дека не очекува дека процесот за уставните измени со кои Бугарите ќе се вметнат во Преабулата ќе заврши до есенва за кога е најавен Самитот „Брдо – Бриони“ кој годинава ќе се одржи во Македонија.
„Процесот Бро-Бриони е закажан за втората половина на септември. Дури и денес да почнеме со уставни измени кога би имало неспорна политичка волја на двете страни од таа политичка поделба на власт и опозиција, нема да може да стигнеме да завршиме со процесот до тогаш, бидејќи за промени на Уставот се потребни најмалку три и пол месеци, со калкулација дека во август парламентите на сите држави па и нашата не работат“, изјави Пендаровски, кој додаде дека во делот за уставните промени има позитивна промена, а тоа е подготвеноста на опозицијата да влезе во Владата и да гласа за уставните промени.
Видете и ова: Предлозите за уставни измени остануваат тема на препукување меѓу Ковачевски и ВМРО-ДПМНЕВо фокусот на разговорите меѓу Пендаровски и Пирц Мусар биле билатерални односи меѓу Северна Македонија и Словенија и можностите за нивно унапредување, европската перспектива на нашата држава, како и состојбите во поширокиот регион, во контекст на војната во Украина.
„Северна Македонија ќе биде секогаш во центарот на нашето внимание во однос на приближувањето, тоа можевте да го забележите и кога стануваше збор за БиХ кога имавме водечка улога и убедена сум дека разбирате и верувате дека Словенија секогаш ќе биде ваш поддржувач во тој процес и дека секогаш ќе ви помага“ изјави таа на заедничката прес конференција.
Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ на 7 јуни имаа лидерска средба на која се разговараше за уставните измени кои се потребни земјата да продолжи со интеграцијата во ЕУ. Разликите околу менувањето на Уставот меѓу лидерите на владејачката СДСМ Димитар Ковачевски и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се во начините кога тие да бидат изгласани во Собранието и кога да стапат во сила.
Уставните измени се потребни за да се продолжи европската интеграција на Северна Македонија. Но, за да се смени Уставот потребно е двотретинско мнозинство во 120-члениот Парламент, а засега мнозинството ги нема потребните гласови.