Руски проектил погоди петкатна станбена зграда во текот на ноќта во град во областа Днипропетровск во Украина, при што загинаа најмалку шест лица, а десетици беа ранети. Ова го соопштија локалните власти на 13 јуни, откако повторно беше прогласена тревога за воздушен напад низ Украина во текот на ноќта.
„За жал, досега загинаа шест лица. 25 ранети, од кои 10 потешко, а тројца екстремно тешко. Акцијата за спасување е во тек, бараме низ урнатините. Веројатно уште пет лица се под урнатините од она што сега го разбираме“ изјави градоначалникот Александар Вулкул на социјалната платформа Телеграм.
Тој посочи дека руските ракети погодуваат само цивилни и инфраструктурни цели.
„Шестте ракети не погодија ниту една воена цел, погодијадна станбена зграда, складиште“, изјави тој.
„Горат станови од првиот до петтиот кат, пожарот зафати 700 квадратни метри. Спасувачите го гаснат пожарот. Веројатно има луѓе под урнатините“, изјави претходно на Телеграм регионалниот гувернер на Днипропетровск, Серхиј Лисак.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот.
„На терористите никогаш нема да им се прости, и тие ќе одговараат за секој проектил што ќе го лансираат. Моето сочувство до сите оние кои ги загубија своите најблиски! “, напиша Зеленски на социјалната платформа Телеграм.
Видете и ова: Зеленски: Русија мора да одговара за пробивањето на браната Нова Каховка
Во поголемиот дел на Украина беше прогласена тревога за воздушен напад. Воената администрација на главниот град на Украина извести дека и Киев бил под оган, но сите проектили биле соборени. Нема извештаи за жртви во Киев.
Последниот бран руски напади дојде во период кога се чини дека долгоочекуваната контраофанзива на Украина добива одреден замав, при што војската соопшти дека седум населени места се ослободени во јужните и источните региони на земјата и дека е постигнат понатамошен напредок во Бахмут во услови на тешки борби.
Украина на 11 јуни соопшти дека три села од Доњецк, биле вратени од силите на Киев, а подоцна истиот ден заменик-министерот за одбрана Хана Маљар соопшти дека уште четири други села во југоисточниот регион Запорожје биле заземени, иако руските власти соопштија дека украинските сили биле одбиени во некои од тие области. Тврдењата не можеа да бидат независно потврдени.
Украинската контраофанзива стана покомплицирана со пробивањето на браната Нова Каховка на реката Днепар, под контрола на Русија на 6 јуни. Киев ја обвини Москва дека ја ископува браната и намерно предизвикува нејзино уништување да го поплави регионот Херсон на југ и да ја забави нејзината контраофанзива.
Обединетите нации предупредија на катастрофални хуманитарни последици од пробивањето на браната и поплавите кои произлегуваат од нив.