Македонска матура, талибанска свадба
ИРАН - Религиозната полиција на талибанците повторно ги повика сопствениците на свадбени сали во Кабул да се воздржат од пуштање на музика и активности кои се во спротивност со нејзините исламски правила за свадби и слични настани. Министерството за пропагирање и доблести и превенција од пороци, во изјава во неделата соопшти дека ова било разговарано на средба со сопствениците на салите за венчавки.
МАКЕДОНИЈА - Три деца синоќа биле донесени во Клиниката за детски болести во Скопје, откако на роденденска забава во игротека се напиле течност, најверојатно дизентал (средство за чистење), соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Клиниката за детски болести до МВР пријавила дека децата биле донесени со црвенило на слузницата во устата. Тие биле на роденденска забава во игротека на подрачје на Аеродром во Скопје.
УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски го потпиша нацрт-законот одобрен од пратениците минатиот месец за да се одреди 8 мај како Ден на сеќавање и победа над нацизмот во Втората светска војна, наместо Денот на победата на 9 мај, кој е наследен од советско време. Повеќето европски земји го слават Денот на победата во Европа на 8 мај за одбележување на годишнината од поразот на нацистичка Германија во 1945 година.
ЕУ / МАКЕДОНИЈА - Делегацијата на Европската унија (ЕУ) во Северна Македонија не коментира внатрешни дискусии во врска со исходот од лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но додека дека се јасни заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година кои се однесуваат на интеграцијата на земјата во Унијата.
МАКЕДОНИЈА - Министерството за образование и наука информира дека од Државниот испитен центар побарало да се лоцира одговорноста меѓу учесниците во спроведувањето на државната матура за направениот пропуст при полагањето на вториот екстерен испит по англиски јазик.
МАКЕДОНИЈА - Демантирањето или излегувањето од она што беше договорено и кажано на прес-конференцијата по лидерската средба на 7 јуни би било големо разочарување за граѓаните и за меѓународната заедница, рече на 12 јуни премиерот Димитар Ковачевски. Тој при денешната посета на Богданци, одговараше на прашањето – Кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив.
КОСОВО - Косово на 12 јуни ја одбележа 24-годишнината од Денот на слободата или ослободување на Косово, кога мировните трупи на НАТО влегоа на територијата по воздушната кампања на Алијансата против српските воени и полициски мети на Косово и во Србија.
СЕВЕРНА КОРЕЈА - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вети дека ќе ја зајакне стратешката соработка со рускиот претседател Владимир Путин за нивната заедничка цел за изградба на моќна земја, објави државниот медиум КЦНА.
ИТАЛИЈА - Поранешниот премиер на Италија и медиумски магнат, Силвио Берлускони, почина на 86 години, јави Ројтерс на 12 јуни, повикувајќи се на извори. Берлускони боледувал од леукемија „подолго време“ и неодамна добил инфекција на белите дробови.
УКРАИНА - Украина на 12 јуни соопшти дека ослободила четврта населба во источниот регион Донецк за време на нејзината тековна контраофанзива. Украинските и руските сили во последните 24 часа водеа тесна борба во источниот регион Донецк.