Министерството за образование и наука информира дека од Државниот испитен центар побарало да се лоцира одговорноста меѓу учесниците во спроведувањето на државната матура за направениот пропуст при полагањето на вториот екстерен испит по англиски јазик.
„Иако тестот не им бил достапен на учениците пред полагањето, односно истиот е споделен меѓу матурантите преку апликација за електронска комуникација за време на самото полагање, сепак, тоа е пропуст кој никако не требало да се случи и повлекува соодветна одговорност. По добивањето на информациите од ДИЦ, тие ќе бидат споделени со јавноста“, соопшти МОН.
МОН информира и дека побарало од оваа година полагањето на испитите да се спроведува во поголеми простории во училиштата, како на пример во училишните сали и холови каде би биле сместени сите матуранти кои се пријавени за полагање државна матура и со присуство на повеќе тестатори и набљудувачи.
„Но, поради случувањата во ДИЦ, штрајкот на вработените непосредно пред датумите за спроведување на државната матура, тие не се случија. Така што, очекуваме промените да се иплементираат во следната учебна година, со што ќе се намалат ризиците од можни нерегуларности кои би ја довеле во прашање веродостојноста на резултатите, соопшти Министерство за образование и наука.
Видете и ова: Павиќевиќ: Препишувањето на матурскиот тест е пропаст на колективната свестПретходно, откако медиумите објавија дека тестовите по англиски јазик наводно се пробиени, се огласија и од Државниот испитен центар, од каде рекоа дека прашањата се споделувале во групи на апликацијата „Вибер“ откако испитот започнал.
Од ДИЦ велат дека најпрофесионално во рамките на своите надлежности ја спровеле државната матура - односно дека тестовите биле навремено изготвени и дистрибуирани до училиштата и тестирањето почнало навреме.
„За случувањата во однос на вибер-групата и споделувањето прашања и одговори за време на изведување на испитите ќе се дискутира на Државен матурски одбор, како највисок орган за реализација на државната матура. На состанокот, членовите на ДМО ќе се произнесат дали и какви санкции ќе има по сите инволвирани во нарушувањето на процесот на реализација на државната матура. Став на ДИЦ е испитот по Англиски јазик да не се поништи за сите оние кои ги почитувале правилата за изведување на државна матура“, наведува Државниот испитен центар во дописот потпишан од неговата директорка Благица Павловска.
Во однос на претстојните интерни испити од државната матура, кои ги организираат училиштата, ДИЦ посочува дека се надлежни училишните комисии. Државниот испитен центар апелира да се почитуваат процедурите за спроведување на интерните испитите во рамките на државната матура за кои се одговорни училишните матурски комисии.
Во однос на укажувањето на МОН денеска, дека државната матура треба да се полага во големи простори - сали и холови, ДИЦ одговори дека „години наназад апелирал до Министерството за образование и наука државната матура да се спроведува во голем простор, за што е дискутирано и на Државен матурски одбор“.
„За жал, овие измени оваа година не се реализираа, но ставот на ДИЦ е дека од наредната година државната матура мора да се реализира во голем простор и со вклучени блокатори“, соопшти Државниот испитен центар.