Демантирањето или излегувањето од она што беше договорено и кажано на прес-конференцијата по лидерската средба на 7 јуни би било големо разочарување за граѓаните и за меѓународната заедница, рече на 12 јуни премиерот Димитар Ковачевски. Тој при денешната посета на Богданци, одговараше на прашањето – Кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив.
Премиерот вели дека ВМРО-ДПМНЕ прифатиле уставни измени и сега треба да се оди кон примена на договореното, а не да се толкува што некој сакал да каже.
„Му даваме шанса на ВМРО-ДПМНЕ првпат да учествува во носење одлука од којашто зависи остварување стратешка цел за државата. Тоа што беше кажано на прес-конференцијата, за нас е прифатливо, а прифатливо е и за ДУИ и за другите партии во нашата коалиција, ЛДП, НСДП и ДОМ“, вели Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ предложи да се формира преодна Влада, но без во неа да учествува ДУИ, и уставни измени да стапат на сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ.
Од ДУИ, кои се трета политичка партија во Парламентот, рекоа дека се подготвена да поддржат Влада без нив до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат на сила пред формирањето на таа влада.
Вториот предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на судот за човекови права во Стразбур и уставни измени кои ќе ги донесе влада без ДУИ поддржана од опозицијата.
Видете и ова: Партиски покер за уставни измени
„Прво кажа дека лидерската средба е неуспешна, дека нема отстапли, потоа лаже дека има одговор и лаже дека уставните измени се прифатени. Згора на тоа формирал и работни групи. Очигледно Ковачевски ќе направи се за да ги спаси ДУИ да оди во опозиција“, рече на прес-конференција Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата бараат Ковачевски да каже кој од нивните предлози е прифатлив.
идерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ на 7 јуни имаа лидерска средба на која се разговараше за уставните измени кои се потребни земјата да продолжи со интеграцијата во ЕУ.