Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, изјави дека „тензиите и понатаму се високи“ помеѓу двете земји, иако и тој и американскиот пратеник Габриел Ескобар се надевале на резултати за време на нивната посета во Белград и Приштина.
„Ескобар и јас се надевавме на поголеми резултати од нашата мисија, но, за жал, и покрај некои позитивни сигнали, тензиите и понатмау се високи“, напиша Лајчак на Фејсбук.
Целта на патувањето на двајцата претставници минатата недела беше да ја „скенираат“ тензичната ситуација на северот на Косово и да ги истражат можностите за политичко решение.
Лајчак изрази загриженост и истакна дека е потребно смирување на состојбата.
ЕУ и САД побараа и вонредни избори на северот, со учество на Србите кои живеат во тој дел на Косово, како и враќање на страните во дијалогот за нормализација на односите. Овие барања се повторени и во текот на нивните состаноци со лидерите на Косово и Србија.
„Се вратив во Брисел за да ја информирам ЕУ и државите членки за моите наоди и наредни чекори. Продолжуваме со нашите напори да овозможиме и поддржиме стабилно политичко решение“, напиша Лајчак.
Видете и ова: „Три статути и една визија“ за формирање Заедница на општини во КосовоДен претходно, Ескобар изјави дека САД се посветени на помошта за Косово и Србија и нивната интеграција во ЕУ.
Ескобар говореше и за договорот кој Србија и Косово го постигнаа во Охрид во март годинава. Според зборовите на Ескобар, спроведувањето на договорот отвора пат за мирни и конструктивни односи меѓу Косово и Србија.
„Мора да пронајдеме начин за процесите веднаш да се смират, да деескалира ситуацијата и веднаш да се вратиме во фокусот на спроведување на договорот од Охрид“, нагласи Ескобар.
Во последните две недели, односите меѓу Косово и Србија, повторно се затегнати, бидејќи во четири општини на северот од Косово се одржуваат протести на група локални Срби кои се противат на влегувањето во општинските згради на новоизбраните градоначалници на Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ.
Тензиите кулминираа на 29 мај, кога во Звечан маскирана група на Срби рани 30 војници на КФОР.