Украина тврди дека повратила четврта населба во Донецк

Знамето на Украина, во видеото што беше објавено на 11 јуни 2023 година од украинските сили.

Украина на 12 јуни соопшти дека ослободила четврта населба во источниот регион Донецк за време на нејзината тековна контраофанзива. Украинските и руските сили во последните 24 часа водеа тесна борба во источниот регион Донецк.

„Националното знаме повторно се вее над [селото] Сторожове, и тоа ќе биде случај со секое населено место додека не ја ослободиме целата украинска земја“, објави прес-центарот на украинските сили на 12 јуни, во порака придружена со видео. На видеото се прикажани украинските војници кои патролираат низ селото.

Украина на 11 јуни соопшти дека повратила контрола над три села од Донецк - Макаривка, Нескучне и Блаходатне.

Тврдењето не можеше да биде независно потврдено.

Видете и ова: Украинските сили напредуваат во Доњецк, освоени стратешки места


Претходно на 12 јуни, Генералштабот на украинската војска соопшти дека во текот на изминатиот ден се воделе тешки борби во областите Бахмут, Лиман, Авдијивка и Маријнка во Донецк, каде што се концентрирани главните напори на руските трупи. Генералштабот соопшти дека во тој период имало вкупно 25 борбени судири во областа.

Еден жител на Авдијевка е убиен како резултат на гранатирање од страна на руските војници, изјави регионалниот гувернер Павло Кириленко на 12 јуни.

Сепак, украинските сили кои се движат во таа насока допрва треба да стигнат до силно утврдените руски линии, кои се наоѓаат на околу 10 километри јужно од сегашните борби, забележуваат експертите.

Русија, меѓутоа, тврдеше дека ги одбила украинските напади, а неодамна објави фотографии од уништените оклопни возила кои НАТО и ги дал на Украина.

Претседателот Володимир Зеленски во саботата сигнализираше дека Киев ја започнал долгоочекуваната контраофанзива за враќање на територијата на исток и југ, потврдувајќи дека се во тек „контраофанзивни и одбранбени операции“.

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот изјави дека нападот на украинската армија продолжува, но дека досега не успеал да ги пробие руските одбранбени линии и дека Украинците претрпеле големи загуби.