Гласањето на предвремените парламентарни избори во Црна Гора заврши со затворањето на гласачките места во 20 часот. Денеска, 11 јуни, гласале 56,4 отсто од гласачите, соопшти Центарот за демократска транзиција. Ова е пад од околу 20 проценти во однос на претходните парламентарни избори во 2020 година.
Право на глас имаа 542.468 гласачи, што е за 314 гласачи повеќе од последните претседателски избори одржани на 19 март. Црногорскиот парламент брои 81 пратеник. Во изборната трка учествуваат 15 изборни листи на коалиции и партии.
Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ изјави дека очекува новата влада да биде формирана на брз, ефикасен начин и во согласност со изборната волја на граѓаните.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Милатовиќ порача дека новата влада треба да го продолжи реформскиот пат, да го забрза во некои области, а пред се да го подобри животниот стандард на граѓаните, владеењето на правото и забрзувањето на европскиот пат.
Мило Ѓукановиќ, поранешниот претседател на Црна Гора и на Демократската партија на социјалистите, по гласањето на парламентарните избори изјави дека очекува брзо формирање на владата во Црна Гора.
„Веќе три години живееме во збунето време. Мислам дека сликата е веќе делумно расчистена, мислам дека ќе бидеме во позиција да формираме влада“, рече Ѓукановиќ.
На прашањето со кого би можел да коалицира, Ѓукановиќ рече дека тие се сите оние кои сакаат Црна Гора да биде дел од Европската Унија. Тој рече дека очекува Црна Гора „понатамошно да се развива како антифашистичка, граѓанска и европска држава“.