Откако на социјалните мрежи се појавија информации и фотографии дека матуранти, во група на апликацијата Вибер, си ги разменувале одговорите на матурскиот тест по англиски јазик, реагираше Државниот испитен центар (ДИЦ), од каде велат дека немало никакво пробивање на матурскиот тест.
Според нив, тестот не бил пробиен, туку прашањата биле споделени откога испитот започнал.
„Тестот не е пробиен, туку споделен“, велат од испитниот центар образложувајќи дека тестирањето почнало во 10 часот, а потоа во рамките на Вибер-групите од страна на членовите биле објавувани прашањата кога почнала реализацијата на испитот.
Од ДИЦ најавуваат дека ќе постапат согласно законските надлежности со сите матуранти што ги нарушиле правилата.
Денеска се полага вториот екстерен испит, а според податоците на Државниот испитен центар, како и во минатите години најмногу пријавени (13.922) има за испитот по Англиски јазик.