Прогласена природна непогода во Делчево по силното невреме

Невреме со пороен дожд, врнежи од град и грмежи попладнево ги зафати Делчево и околните населени места.

Советот на Општина Делчево на денешната Вонредна седница прогласи природна непогода од поплави и град. Градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски денеска информира дека се мобилизирани екипи на јавните претпријатија со механизација и рачно се расчистуваат наносите од земја на коловозите во централното градско подрачје и во реоните и се санираат штетите по домовите.

Тој посочи дека во моментов стручни лица од Општина Делчево прават увид на оштетената инфраструктура на коловози и потпорни ѕидови со цел да се пристапи веднаш кон нивна санација.

Видете и ова: Силно невреме во Делчево, оштетени улици и поплавени домови

„Дефектите на водоснабидителниот систем се санирани уште во текот на ноќните часови и водоснабдувањето е нормализирано, така што граѓаните можат да ја користат водата за пиење“, објави Трајковски.

На седницата донесена е одлука за формирање на комисија за проценка на штетите, како и заклучок за објавување јавен повик преку кој ќе се информираат граѓаните за постапката за пријавување штети.

Од вчерашното невреме поплавени се десетици приватни домови, институции и фабрики, а оштетени се коловозите на неколку сообраќајници. Најголеми штети се евидентирани во населбите Пролет и Басарица, на улицата „Царевоселска“, булеварот „Македонија“.