Обвинителството не пронајде докази за вина кај поранешниот шеф на Управата за финансиска полиција(УФП), Арафат Муареми. Тој е ослободен после пријавите на анонимни граѓани за примање награда за противзаконито влијание, а поради кои поранешната шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска нареди претрес во финансиската полиција.
На 18 јули лани во полицијата беше извршен претрес по анонимна дојава на граѓанин, а сомнежите беа дека се чуваат предмети во фиока за што Муареми земал поткуп. Во соопштението кое на 9 јуни го објави обвинителството се вели дека првично биле запленети 35 предмети, а подоцна, од УФП дополнително се доставени 380 предмети. Од Муареми биле одземени едно УСБ и еден компјутер.
„Од доставеното вештачење и анализа на содржината на одземената компјутерска опрема е утврдено дека документите и компјутерските податоци немаат поврзаност со конкретниот предмет. Не произлезе основано сомневање дека пријавениот со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал или на друг начин влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши или да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши, а за посредувањето да примил награда или друга корист“, се вели во соопштението на обвинителството.
Поранешната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Русковска ја отвори истрагата по анонимна пријава и нареди претрес. Но, јавното обвинителството на Љубомир Јовески регистрираше пропусти во претресот затоа што во случајот можело да постапува единствено Специјализираното одделение за гонење кривични дела извршени од лица со полициски овластувања.
Видете и ова: Разврската на „судирот“ Русковска-Муареми далеку од финишПо ова и Муареми поднесе кривичната пријава против Русковска, но и за двете обвинителки Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска кои биле вклучени во истрагата. Во меѓувреме Русковска беше суспендирана, па разрешена од функцијата како прв човек на обвинителството, а Муареми си поднесе оставка.
Обвинителството денеска ги отфрли и кривичните пријави од човекот од Дебар кој бил засегнат од тоа што предметите не се решени па поднесе кривични пријави против директорот и инспектор од полицијата, а беа за сторени кривични дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“, „малтретирање во вршење на службата“ и „насилство и примање поткуп“.
Видете и ова: Правдата во сенка на аферитеОбвинителството сослушале и вработени во Општина Дебар кои не ги потврдиле наводите на оштетениот дека пријавените го малтретирале и биле насилни кон него за кои тој тврдел дека биле преземани кон него и кон вработените во Општина Дебар.
Ниту еден сведок не го споменал Муареми, а оштетениот со ниту еден доказ не ги поткрепил тврдењата дека луѓе од Косово и Албанија му се јавувале во врска со овој предмет, ниту пак поврзаноста на наводните јавувања со пријавените, се вели во сопштението на Обвинителство.