Стотици илјади Украинци се борат да добијат вода за пиење по големите поплави во јужна Украина по уништувањето на браната Нова Каховка на реката Днепар, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека спасувачите продолжија со напорите да однесат на безбедно што е можно повеќе луѓе.
„Евакуацијата е во тек. Секаде каде што можеме да ги извлечеме луѓето од зоната на поплавите, тоа го правиме“, рече Зеленски на неговиот канална социјалната платформа „Телеграм“ на 9 јуни.
„Во повеќе од 40 населени места животот е прекинат. Утврдуваме повеќе детали за штетата што Русија ја предизвика од оваа катастрофа. Русија мора да одговара за ова намерно злосторство против луѓето, природата и самиот живот“, рече Зеленски.
Украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко на 9 јуни изјави дека најмалку пет лица загинале, а 13 се водат како исчезнати во поплавите што се проширија на површина од околу 600 квадратни километри.
Видете и ова: Окупација, ослободување и сега поплавата: Повторно прекинат животот во ХерсонКлименко рече дека 34 населби се поплавени на десниот брег на Днепар кој е под украинска контрола и уште 14 се поплавени на левиот брег кој е под руска окупација. До 9 јуни, 2.400 луѓе беа спасени во Херсон, рече Клименко.
„Во соседниот регион Миколајев, 23 населени места се поплавени, а над 800 луѓе се евакуирани“, изјави Клименко.
Раководител на Херсонската област, Владимир Салдо, кој доаѓа од руските сили кои ја имаат контролата во тој дел, изјави дека осум лица загинале, а 5.800 биле спасени во делот на регионот окупиран од Русија.
„Во регионот се поплавени вкупно 22.273 куќи во 17 населени места“, напиша Салдо на социјалната платформа Телеграм, додавајќи дека водата може да не се повлече во наредните 10 дена.
Претходно, украинскиот гувернер на Херсон, Олександар Прокудин, во видео порака на 9 јуни рече дека нивото на водата почнува да опаѓа во областите на регионот каде што доживеаја големи поплави по уништувањето на браната.
„Веќе можеме да видиме дека водата се повлекла за 20 сантиметри во текот на ноќта“, изјави гувернерот Прокудин.
Тој додаде дека утрото на 9 јуни биле поплавени 3.624 куќи во 32 населени места низ регионот Херсон, а 2.352 лица веќе се евакуирани од поплавените подрачја, иако напорите на спасувачките тимови да ги доведат луѓето на безбедно биле отежнати поради постојаното руско гранатирање од преку Днепар.
На 8 јуни, руските сили ја гранатираа областа Херсон веднаш откако Зеленски го посети јужниот регион.
Дописникот на РСЕ од теренот извести за експлозии во областа Корабел во Херсон, додека спасувачите во гумени чамци продолжија да ги евакуираат луѓето кои допрва треба да ја напуштат зоната на катастрофата. Прокудин рече дека Русите ги гранатирале крајбрежните области на Херсон и центарот на градот Херсон.