Унгарскиот премиер Виктор Орбан на 9 јуни остро го критикуваше како „неприфатлив“ договорот на Европската унија за ревидирање на правилата за земјите-членки кои примаат азиланти и мигранти.
„Брисел ја злоупотребува својата моќ. Сакаат со сила да ги преселат мигрантите во Унгарија. Ова е неприфатливо, тие сакаат насилно да ја претворат Унгарија во мигрантска земја“, напиша Орбан на социјалната платформа Фејсбук.
Договорот што на 8 јуни го постигнаа министрите за внатрешни работи на ЕУ во Луксембург ги ревидираше правилата на ЕУ за поправична распределба на барателите на азил и мигрантите.
Видете и ова: Криумчарско насилство врз мигрантите кои транзитираат низ МакедонијаПриоритет е земјите од ЕУ да го делат сместувањето на барателите на азил, при што ќе примат многумина кои пристигнуваат во државите на надворешните граници на унијата, главно Грција и Италија.
Во договорот се вели дека нациите што ќе одбијат ќе треба да платат 20.000 евра по лице во фонд управуван од Брисел.
Но, Полска и Унгарија гласаа против предлозите, додека Бугарија, Малта, Литванија и Словачка беа воздржани.
Договорот на кој му требаше одобрение од мнозинството земји што претставуваат најмалку 65 отсто од населението на ЕУ доаѓа по долгогодишна расправија околу политиката за азил.