Османи сака КФОР да остане во Косово додека државата не влезе во НАТО

Косовската претседателка Вјоса Османи

Косовската претседателка Вјоса Османи

Во Косово може да се одржат нови избори во општините со мнозинско српско население, погодени од протестите, доколку 20 отсто од гласачите потпишат петиција со која бараат избори, јавија денеска косовските медиуми пренесувајќи делови од интервју на косовската претседателка Вјоса Османи за Ројтерс.

Османи вели дека верува оти петицијата е „најдемократскиот начин“ да се придвижи кон нови избори.

Според неа смената на градоначалниците со гласачка петиција ќе биде „нешто како референдум“ што ќе го отвори патот за второ гласање за избор на нови градоначалници.

Видете и ова: Смирување на тензиите, нови избори и дијалог побараа Лајчак и Ескобар од Курти

Додека тензиите меѓу Србија и Косово се разгоруваат, НАТО ги зајакна своите мировни сили на северот на земјата. Османи изјави дека сака овие мировни трупи да останат додека Косово не биде примено во НАТО.

Таа изјави дека целиот овој процес може да се направи во рок од неколку месеци. Сепак, не е јасно дали локалните српски гласачи ќе учествуваат во петицијата, забележува агенцијата.

Османи вели дека пред да се распишат нови избори, на Косово ќе му требаат гаранции од меѓународната заедница дека Белград нема да се меша.