Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска упати повик до разрешениот директор на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, проф. д-р Сашко Јовев да биде негов национален советник за кардиохирургија.
„Буџетот што го наследив, беше многу дефицитарен. Имаме барање од Кардиохирургија, претходно во разговор со професорот и други колеги и со ребалансот на буџетот сум подготвен да побарам да се зголеми тој буџет, со цел Клиниката за кардиохирургија и програмата за трансплантација да функционираат подобро и да ги зголемиме позитивните резултати и да им излеземе во пресрет на пациентите“, рече министерот на денешниот брифинг со новинарите.
Тој нагласи дека Јовев ќе продолжи да биде вработен во Клиниката и ќе ја има неговата поддршка во понатамошното работење.
Професор д-р Сашко Јовев му одговори дека тоа е голема чест, но неговото место е на Клиниката за кардиохирургија, заедно со неговиот тим.
„Сметам дека моето место е на Клиниката за кардиохирургија, да го водам својот тим и заеднички да постигнуваме уште многу успеси“, изјави Јовев.
Јовев рече дека ќе продолжи со борбата, затоа што е сигурен дека министерот ќе ја поправи оваа грешка.
Меџити во понеделникот го разреши Јовев од должноста директорот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, поради како што изјави вчера „утврдени нерегуларности во работењето“, нагласувајќи дека нема политика во неговото разрешување.
Видете и ова: Ситни пропусти или министерска суета - зошто е разрешен доктор ЈовевНа брифингот со министерот стручни лица разјаснуваа дилеми околу разрешувањето на Јовев, што предизвика реакции во јавноста.
„Сегде ќе има инспекции, каде ќе има нерегуларности и индиции за злоупотреба, ние таму и ќе постапиме“, додаде Меџити.
Јовев не е единствениот разрешен директор, откога Меџити е на функција министер. Непосрдно по преземањето на функцијата Меџити ги смени директорите на клиниките за неврологија, онкологија, дерматологија, гинекологија и офтамологија
„Имаше промени во многу други здравствени установи, на медицински директори, организациски, некои си поднесоа самите оставка, а други беа разрешени, додаде Меџити, истакнувајќи дека и во иднина секаде ќе има инспекции и ќе се постапува според закон“, изјави Меџити.
Јовев од своја страна вчера побара преиспитување на одлуката за негово разрешување, истакнувајќи дека државната Клиника за кардиохирургија не се утврдени нерегуларности.