Уставни измени под диктат и под околности кои се поразителни за Македонија не смее да има, потврдија на денешната седница на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ. Седницата на ова тело се случи непосредно пред почетокот на лидерската средба помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на која како што е најавено ќе се разговара за внесувањето на Бугарите во Уставот и европската иднина на земјата.
Потпретседателот на партијата, Тимчо Муцунски, рече дека е погрешна тезата дека на оваа лидерска средба се одлучува за интеграција или изолација на земјава. Она што се одлучува, според ВМРО-ДПМНЕ е дали ќе има уставни под диктат или ќе има одбрана на националното достоинство и државните интереси.
„Поаѓајќи од националните и државните интереси и запазувајќи го мислењето на огромното мнозинство на граѓани во државата, уставни измени под диктат и под околности кои се поразителни за Македонија не смее да има. Носењето на уставни измени во состојба кога е нападнат националниот и државен идентитет на македонскиот народ, кога се оспорува јазикот, историјата и културата не е никаков чекор напред, туку отворање на вратата за нови поразителни условувања и себеодрекување“,изјави Муцунски по седницата на ИК.
Тој додава дека Македонија токму поради лесните отстапки и штетните политики на власта, веќе е во изолација.
„На оваа лидерска средба се одлучува или за уставни измени и национални порази или за одбрана на националното достоинство и националните интереси“, додаде Муцунски.
Муцунски порача она што го бара ВМРО-ДПМНЕ е фер шанса каква што ја имаат и другите народи во Европа кога ѝ пристапувале на ЕУ. Тој е дециден дека по неуспехот на уставните измени, следниот чекор треба да бидат предвремени парламентарни избори.