Односите меѓу народите на Соединетите Американски Држави (САД) и Косово се силни и нема да се променат, но има „некои предизвици во билатералните односи со премиерот на Косово, Албин Курти“, изјави американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
„Ние ќе продолжиме да бидеме ваша најсилна поддршка во меѓународната заедница“, додаде тој во изјавата што ја даде пред дел новинари во Приштина.
Ескобар изрази надеж дека народот на Косово ќе разбере дека „актуелните тешкотии со премиерот нема да влијаат на ова чувство“.
Зборувајќи за актуелната ситуација на северот на Косово, Ескобар рече дека патот напред е предлогот на ЕУ за итна деескалација, вклучувајќи план градоначалниците да не работат од општинските згради додека има тензии на теренот, како и организацијата на нови избори со учество на Срби и имплементација на Охридскиот договор.
Охридскиот договор е постигнат во март и всушност е анекс документ за имплементација на Основниот договор за нормализирање на односите врз основа на предлогот на ЕУ.
„Тоа значи дека треба да го видиме вистинскиот напор на Косово за формирање на Заедницата и треба да ги видиме и чекорите преземени од Србија. Тоа треба да се направи сега, треба да се договориме за тоа денес и утре, бидејќи од петок Мирослав (Лајчак) и јас поднесуваме извештај до нашите претпоставени дали успеавме или не“, рече Ескобар.
Ескобар рече дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство е начин да се укине контролата на Србија врз северот, односно да се стави под контрола на Косово. Тој исто така рече дека Косово мора веднаш да го претстави нацрт-статутот за формирање на Заедницата.
Видете и ова: Смирување на тензиите, нови избори и дијалог побараа Лајчак и Ескобар од Курти
На прашањето какви мерки ќе бидат преземени против Косово ако тоа не е конструктивно, Ескобар рече: „Ништо не можеме да планираме, ќе видиме како ќе биде “.
Тој додаде дека, доколку мисијата за посредување не успее, тоа ќе значи дека Косово не е заинтересирано за координација, поточно, како што рече, „не Косово, туку премиерот (Албин Курти)“.
Ескобар, заедно со специјалниот пратеник за дијалог меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак, претходно се сретнаа со Курти и со претседателката Вјоса Османи.