Вучиќ за Фајненшл Тајмс - Не сум против да се продава муниција на посредници кои ја доставуваат во Украина

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави за Фајненшл тајмс дека не се противи неговата земја да продава муниција на посредници кои ја доставуваат во Украина.

Фајненшл тајмс наведува дека тоа е знак дека цврстиот балкански сојузник на Русија се врти кон Запад.

Весникот потсетува дека Вучиќ одбива да ги почитува западните санкции против Русија поради нејзината инвазија на соседна Украина. Весникот наведува дека претседателот на Србија во промена на правецот вели дека е запознаен со извештаите на американската влада дека српска муниција преку посредници завршила во Украина и дека не планира да го спречи тоа.

„Дали е можно тоа да се случува? Не се сомневам дека тоа може да се случи“, изјави Вучиќ за „Фајненшл тајмс“.

„Која е алтернативата за нас? Да не го произведуваме? Да не го продаваме?“, додаде тој.

Фајненшл тајмс објави дека тројца западни дипломати во регионот тврдат дека каналот преку кој српската муниција се насочува кон украинскиот фронт е клучен фактор за забележливата промена откако САД, НАТО и ЕУ неодамна ја поддржаа Србија по етничките тензии на Косово.

На северот на Косово, кој крајот на мај, изби насилство за време на протестите на Србите против новоизбраните градоначалници од албанска националност на изборите на кои Србите не учествуваа.

Запрашан дали тоа е пресметан чекор да се добие одобрение од западните престолнини, Вучиќ рече дека Белград се обидел да се однесува на „неутрален начин“.

„Но, јас не сум будала. Свесен сум дека дел од оружјето може да заврши во Украина“, изјави српскиот претседател.

Весникот наведува дека Вучиќ признал дека оди по жица меѓу Москва и западните сили, но дека нема да им помогне на руските воени напори.

Видете и ова: Нови санкции на ЕУ кон Русија – Од кинески компании до РТ Балкан


„Се приклучивме на сите резолуции на ОН“, рече тој.

Србија се приклучи на резолуциите на ОН со кои се осудува руската инвазија на Украина.

Претседателот на Србија вели дека поминало времето кога тој разговарал со рускиот претседател Владимир Путин на секои три месеци. Тој истакна дека не бил во контакт со Кремљ една година освен што примал посетители од Москва.

„Фајненшл тајмс“ објави дека одбранбената разузнавачка компанија „Џејнс“ соопштила дека силните врски на Србија со Русија и нејзиниот потенцијал да ја поткопа регионалната безбедност ги навеле западните престолнини да заземат помек став кон Белград.