Украина бара состанок на Советот за безбедност на ОН по уништувањето на браната

Делумно поплавена област во Херсон на 6 јуни 2023 година, по штетата предизвикани од уништувањето на браната Каховка.

Украина повика на итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации, на кој ќе се разговара за, како што велат „рускиот терористички напад“ на браната Каховка во јужна Украина.

Украинските власти, исто така, бараат за инцидентот да расправа и Управниот одбор на Меѓународната агенција за атомска енергија, која е тело на ОН. Тие бараат и нови меѓународни санкции за Русија, а особено за руската ракетна индустрија и нуклеарниот сектор.

Украинските и руските власти меѓусебно се обвинуваат за уништување на браната под контрола на Русија, што предизвика евакуација на луѓето што живеат во околината.

„Сметаме дека детонирањето на браната од страна на Руската Федерација е терористички чин против украинската критична инфраструктура, чија цел е да предизвика што е можно повеќе цивилни жртви и што е можно повеќе уништување“, се вели во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи.

Видете и ова: Украина и Русија се обвинуваат за уништување на големата брана, евакуацијата е во тек


Министерството ја повика меѓународната заедница да ја осуди Русија поради инцидентот и рече дека Москва треба да плати компензација за последиците.
„Исто така, апелираме до земјите од Групата седум и ЕУ итно да размислат за воведување нови далекусежни санкции кон Руската Федерација, особено поврзани со руската ракетна индустрија и нуклеарниот сектор“, се вели во соопштението.

Во соопштението се повикува и на ангажирање на Механизмот за цивилна заштита на Европската унија. Една земја може да побара помош преку механизмот кога се соочува со итен случај.